Анонимни помагачи

Анонимни помагачи

Веднаш да расчистиме – не сум симпатизер на било кој обид за милитаристичко решавање на некаков проблем, особено ако има длабоко закопани интереси на одредени елити. Витнамската војна 1955-1975 е еден од многуте такви случаи.

Сепак, за таа војна е врзана една интересна случка, за еден од учесниците во истата и поуките кои се врзани за таа случка, лишена од секаква воена подлога.

Се работи за воениот пилот, капетанот Џозеф Чарлс Плaм (Joseph Charles Plumb Jr), роден на 03.11.1942 г. во Гери, Индијана, САД. До критичниот миг тој имал 74 „успешни“[1] пилотски мисии. Во текот на 75. мисија, која се случила само 5 дена пред неговото предвидено демобилизирање и враќање дома, неговиот авион бил погоден од проектил од земја. Капетан Плам се катапултирал од погодениот авион пред тој да се сруши, успешно го активирал својот падобран и се спуштил на земјата. Бил заробен и задржан 2.103 дена (речиси 6 години) во затворенички камп.

Капетан Плам бил принуден, како воен заробеник, да помине низ сите премрежија кои ги носи местото каде бил чуван заедно други воени заробеници. Условите во кои се случувало сето тоа може само да се претпоставуваат. Не постои заробеништво кое се одвива во пријатни услови.

Сепак, за време на неговото заробеништво, капетан Плам бил помеѓу оние кои сето тоа го преживеале и тоа со одржан висок дух колку што тоа било возможно. Креирал методи за комуникација помеѓу затворениците, направил еден вид духовно светилиште во тие услови и сл.

По неговото ослободување ја продолжил својата воена кариера и се пензионирал после 31 година служење. По пензионирањето пак, станал автор, мотивациски говорник и светски патник, при што го споделувал своето искуство од опишаниот настан и поуките кои произлегуваат од истотот.

Еден ден, додека вечерал во еден ресторан со својата сопруга, му пристапил еден непознат господин со прашањето:

  • „Дали сте вие Плам, воениот пилот?“.
  • „Да, од каде знаете?“, прашал Плам.
  • „Јас ви ги пакував падобраните пред мисиите.“, бил одговорот на непознатиот.

Плам почувствувал голема возбуда и благодарност кон тој човек.

  • „Да не бевте вие и вашата одлично завршена работа, сега јас немаше да бидам тука…“.

За време на своите говори Плам многу често се осврнува на овој настан. Се осврнува на сите моменти кои не се секогаш видливи и на фактот што од некои луѓе,  кои најчесто остануваат во длабока анонимност, зависи судбината на други луѓе, на цели групи и на тој начин влијаат на редица настани. За нив не се размислува, не се чувствува потреба да се изрази благодарност и нивното присуство и дела често остануваат незабележани.

Темата за контемплација за секој од нас може да се наметне преку неколку прашања:

  • Кој ги пакува нашите падобрани? (во светлината на приказната која ни послужи како пример за оваа тема)
  • Кои се нашите (невидливи) помагачи?
  • Кој ни помогнал во текот на животот на било кое поле:
    • Физичко
    • Емотивно
    • Ментално
    • Спиритуално?

За момент да направиме ретроспекција да ги откриеме тие личности и тивко да им се заблагодариме.

Благодарноста оплеменува.

Leave a comment