ФОРМУЛА ЗА УСПЕХ

ФОРМУЛА ЗА УСПЕХ

НЕУСПЕХОТ и ПАДОТ не се настани, туку процеси!

 

Во еден од своите тренинг модули, Зиг Зиглар има глава со наслов „Зошто Успехот е Процес, а Неуспехот Настан?!“. Не ни помислувам на овие страници да полемизирам со големиот мотивациски гуру. Заради временско-просторната дистанца тоа едноставно не е можно. Но затоа, пак, можам да го образложам својот став зошто не мислам така и истовремено да ги информирам читателите дека инспирацијата за овој текст е резултат на читање извадок од книгата „Петте Големи Делчиња од Животната Сложувалка“ на еден друг великан во корпоративната и лична мотивација – Џим Рон.

 

Никој не паѓа во она што го работи преку ноќ. Неуспехот е неизбежен резултат на начинот на размислување и голема серија на мали лоши избори и одлуки. Зошто неизбежен? Едноставно, затоа што делувањето на Универзалниот Закон за Причина и Последица е неизбежен, неумолив.

 

Ако го испуштам моливот од рака, тој ќе падне на најблиската подлога,

Ако прочитам весник, ќе бидам информиран,

Ако ги спојам двата електрични пола, ќе предизвикам избивање на осигурувачот,

итн.

 

Секое дело, секоја акција води кон серија на последици кои се толку евидентни колку што сме подготвени тоа да го видиме.

 

Неуспехот или падот се состојат од серија на мали пропусти, повторувани често, некогаш секојдневно. Затоа неуспехот е ПРОЦЕС. Но, зошто некој би бил толку неодговорен, речиси глупав, да повторува исти грешки секој ден? Затоа што е тоа лесно! Тој што тоа го прави, се движи по линија на помал отпор и останува во зоната на комфорот. Лесно е:

 

– Да консумираме во просек по 100 гр. храна дневно повеќе од тоа што е потребно;

– Да не се движиме или вежбаме доволно за да ја согориме таа енергија. Никој не се здебелил преку ноќ, тоа е процес кој трае подолго време и е резултат на повторување;

– Да не читаме книги и друга корисна литература, да не се дообразуваме и да не држиме чекор со промените во нашата индустрија или поле на интерес и делување.  За период од 1, 2 или 6 месеци, тоа нема да доведе до видлив неуспешен резултат, но долгорочно, тоа е поразително;

– Да пушиме цигари и уживаме во стимуланси од различно потекло. Никој не умрел или добил рак на белите дробови од една испушена цигара, но тоа ситно задоволство (?!?) дозволено за момент, повторувано многупати доведува до неповолен краен резултат;

– Да не пружиме максимум во тим (деловен, спортски, друштвен…) и да обвиниме некого за тоа што на тимот не му оди најдобро, но многу пати повторуван таков став доведува до двоен неуспех – личен и колективен;

– Да се однесуваме расипнички спрема природните ресурси – водата, воздухот, земјата. Тоа не предизвикува инстантни резултати, но постојаното повторување на тие дела предизвикува тивка „зелена смрт“.

 

Најголемата замка на неуспехот е суптилноста како негов вграден квалитет. Со повторување на тие пропусти, на тие ситни погрешни избори и одлуки, воопшто не изгледа дека паѓаме. А кога падот и неуспехот ќе се случат, вообичаено се стремиме тоа да си го прикажеме себе си и на другите како несреќен сплет на околности и настани кои било вон нашата контрола.

 

За неуспехот на интервју за вработување, кандидатот пропушта да забележи дека можел:

– Да ја посети веб страницата на компанијата,

– Да стекне информации кои можеле да бидат одлучувачки,

– Да работи на подигање на самодовербата,

– Да учи по збор-два странски зборови дневно и за една година постепено, но значајно да го збогати својот вокабулар,

– Да истражува и да ги совлада основните принципи на пишување работна биографија или водење интервју за вработување.

 

 

За непотпишувањето на деловниот договор, на пример, страната за која тој бил од витално значење нема ни да забележи (а и та се случи тоа, тешко дека ќе признае и прифати) дека:

 

– Случајот не бил доволно добро истражен и подготвен,

– Не биле откриени и анализирани личните и деловните интереси на потписниците,

– Не била идентификувана и протежирана win-win ситуација

– …

 

Грешките во проценувањето на секојдневните ситуации се токму резултат на суптилноста и во временската дистанца помеѓу причините и последиците. Доколку таа временска дистанца не би постоела, тогаш би имале инстантно сознание за врската помеѓу делата-причина и резултатот-последица и веднаш би преземале корективни чекори. Но, човекот е суштество кое бавно учи и за жал, тоа најдобро го прави со повторување.

 

Не е познато кој е тој кој во Стар Рим рекол „Repetitium est mater studiorum –  Повторувањето е мајка на учењето“, но денеска, кога времето е сé повеќе и повеќе дефицитарен ресурс, тој начин на учење не е веќе адекватен. Потребна е промена.

 

Прв чекор кон таа промена на ставот е самото сознание дека неуспехот и падот не се настани, туку процеси.

 

Вториот чекор е препознавањето дека формулата за успех и неуспех се идентични. Ако неуспехот е резултат на голема серија на мали погрешно проценки, дела и одлуки, формулата за успех е голема серија на мали коректни проценки, дела и одлуки, мала секојдневна дисциплина, поставување на добри навики.

 

– Ако направам 20 склекови или истрчам 2000 метри и застанам пред огледалото, се разбира, нема да забележам никаква разлика. Но ако секој ден или барем три пати неделно го правам тоа, резултатот изразен во поадекватна телесна тежина, подобрена работа на крвотокот и лимфниот систем или општо зголемено ниво на енергија во организмот е неизбежен.

 

– Ако бројот на испушени цигари или испиени кафиња денеска го сведам на 50% од вообичаената доза, денеска нема да се чувствувам многу различно од било кој ден од блиското минато. Но, на истиов датум после една година, ако таа пракса ја задржам, разликата ќе биде евидентна.

 

– Ако прочитам 10-на страници стручна литература или материјал со мотивациска содржина и тоа го повторувам редовно, за период од една година ќе бидам најинформирано лице во мојата околина (организација), најмотивирана личност и унапредувањето е мое! Итн.

 

Сепак, колку и да се слични, двете формули, за успех и неуспех, различни се во брзината со која доведуваат до резултатите. Дневната дисциплина и пракса на добри навики многу побргу доведува до резултат отколку лошите навики до пад и неуспех. Причината за тоа е што човекот има вградена потреба од развој и напредок. Добрите процени, одлуки и избори побргу и потрајно ги поништуваат оние кои имаат негативен предзнак. Од тие причини и полесно е да се препознае поврзаноста помеѓу нив и позитивните резултати. Тоа е навистина добра вест!

 

Дури и суптилноста, за која стана збор во формулата за неуспех, овде, во формулата за успех има уште еден значаен позитивен квалитет. Имено, практикувањето на секојдневна дисциплина влијае на промена на нашиот процес на мислење. Со промена на начинот на мислење, она што на почеток е напор за воведување на дневната дисциплина, престанува да се доживува како напор, туку како единствена можна опција. Оттаму, резултатите стануваат само прашање на време.

 

„Неуспехот треба да биде наш Учител, а не гробар. Неуспехот е одложување, а не пораз. Тоа е привремен ретур, а не ќорсокак. Неуспехот е нешто што можеме да го избегнеме исклучиво ако ништо не зборуваме и ништо не правиме“ – Denis Waitley

Leave a comment